Почитувани,
Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), согласно својот Статут, има обврска редовно да ја известува јавноста за планинарските активности кои афектираат поширока публика.
Во неделата, 18 декември 2016 година, беше одржано традиционалното Зимско искачување на највисокиот врв на Шар Планина, Титов Врв (2.747 м.). Пред почетокот на тој настан се случија два несреќни случаи за кои имаме обврска да ја известиме јавноста.
Прво, го изразуваме нашето задоволство и пофалба за солидарноста и пожртвуваноста што ја покажаа планинарите кои помогнаа во спасувањето на повредените колеги планинари. Исто така сакаме да ја изразиме нашата благодарност до Единиците за специјални задачи при МВР на РМ, кои помогнаа во спасувачката акција и покрај отсуството на јасни процедури во вакви случаи.
Но, сакаме да укажеме дека со почитување на процедурите и кодексот на планинарење во зимски услови, ваквите опасни ситуации можеле да се избегнат. Сметаме дека несреќата се случила како резултат на неискуство, незнаење, игнорирање на временските услови. Акциите биле изведени без лиценцирани Планинарски водичи, кои се обучени за водење на групи во зимски услови. На тој начин, во опасност се доведени животите на сите учесници во искачувањето.
Од таа причина ФПСМ, ги осудува неодговорните групи и индивидуалци, кои надвор од каква било организирана форма на настани на планина, водат неискусни, неопремени, неедуцирани планинари во опасни услови.
Ја користиме оваа прилика уште еднаш да укажеме дека во Република Македонија не постои јасна процедура за спасување на планина, не постои спасителна служба, ниту пак дефиниран систем на институционална поставеност за вакви ситуации.
Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и понатаму ќе инсистира на почитување на правилата и насоките за планинарски акции во зимски услови, кои се комуницирани со сите планинарски друштва во Република Македонија.
Со надеж за брзо заздравување на повредените, се надеваме дека овој настан ќе биде поука за личната и колективната одговорност која треба да биде приоритет при превземање на планинарски активности во сите временски услови.
Канцеларија на ФПСМ