Повик за обука на ПЛАНИНАРСКИ ВОДИЧ ФПСМ – Категорија А

Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) – Центар за Стручно Оспособување (ЦСО – ФПСМ) ги повикува сите планинарски друштва да пријават кандидати за обуката за планинарски водичи која ќе се одржи од 22 до 27 мај 2015 година.

Со успешно завршување на обуката кандидатите ќе се здобијат со назив ПЛАНИНАРСКИ ВОДИЧ ПРИ ФПСМ – Категорија А. Категоријата А опфаќа основно водење по лесни означени и лесни неозначени патеки, по напорни и многу напорни означени патеки вклучително и поединечни снежни јазици, организирани походи, по напорни неозначени патеки и по лесни беспатја.

Обуката се состои од 5 дела:

  1. Приемен испит (9 мај 2015).
  2. Повеќедневна теоретско – практична обука (22 – 27 мај 2015).
  3. Испитна акција (последниот ден од обуката)
  4. Изработка на семинарска задача (до 22 јуни 2015).
  5. Приправнички стаж (максимум 2 години).

На обуката ќе бидат обработени следните теми: историја и организација на планинарското водење во Македонија и светот, исхрана и тренинг, време / метеорологија, опасности и спасување во планина, лична и техничка опрема, движење во планина и техники на водење, радио врски и комуникации, психологија на планинарско водење, подготовка, изведба и анализа на акции, заштита на околината, флора и фауна во Македонија, морална и правна одговорност, Прва помош и влијание на планините врз човечкиот организам, ориентација, бивакување и табори, и многу пракса. Предавачите ќе бидат назначени од ФПСМ.

Опрема која секој кандидат за планинарски водич треба да ја има во текот на обуката:

Лична опрема:  ранец (околу 40 л.), облека и обувки соодветни на времето, комплет за лична хигиена, комплет Прва помош, челна лампа, заштитни очила, планинарски стапчиња, планинарска книшка, матарка, мапа од регионот, компас, моливи и пенкала (вреќа за спиење – опционално).

Лична техничка опрема: 5 карабинери со матица HMS крушкаст облик, 2 помошни јажиња (дебелина 4 – 6 мм, должина 3 – 4 м.), 2 помошни јажиња (дебелина 4 – 6 мм. и должина 1,5 – 2 м.), 3 гуртни (должина 60 см, 80 см, 120 см), динамичко јаже за искачување за четворица учесници (дебелина 9,1 – 11 мм., должина 60 м.), еден од следните елементи за осигурување: Reverso (Petzl) 2, 3 или 4, ATC Guide (Black Diamond), PIU 2 (Cassin), клинови и алпинистички чекан, комплет за самоосигурување (седечки појас, шлем, прусици или сет за ферата).

 

Цената на обуката изнесува 4.500 денари.

 

Општи услови за учество на обуката се:

  1. Навршени 18 години;
  2. Минимум IV степен на образование (завршено средно училиште);
  3. Членство во планинарско друштво, регистрирано во ФПСМ;
  4. Претходна документирана петгодишна планинарска активност;
  5. Способност за самостојно движење во текот на акциите кои се за еден степен потешки од тие за кои што сака да придобие право за водење;

 

До 6 март 2015 година (петок) планинарските друштва во ФПСМ треба да достават листа со кандидати подредени по приоритет за присуство на обуката. Заедно со листата, планинарските друштва треба да ги достават и пополнетите документи за секој кандидат (Пријава, Здравствена потврда, Преглед на планинарски активности во последните 5 години).

Врз основа на доставените документи и оценката од приемниот испит, Комисијата за планинарски водичи при ФПСМ ќе покани кандидати за обуката од 22 до 27 мај, 2015.

 

За повеќе детали околу обуката контактирајте ги:

Горан Николоски: 070/200-506, goran.nikoloski@telekom.mk , goran.nikoloski@t-home.mk

Горан Тинтоски: 02/316 55 40, contact@fpsm.org.mk

Детали за досегашните обуки и потребните документи за пријавување за обуката побарајте на интернет страната на ФПСМ (Комисија за планинарски водичи): www.fpsm.org.mk

 

 

Федерација на планинарски спортови на Македонија

Центар за стручно оспособување

Комисија за планинарски водичи

Скопје

10.02.2015

ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ ПРЕВЗЕМИ: KPV doc za prijavuvanje

Share This:

Scroll to Top