Во планините важат други законитости отколку во долините и тие што сакаат да ги посетуваат планините, треба да ги познаваат тие законитости и да им се прилагодуваат. Во продолжение се дадени насоки за побезбедно планинарење во зимски услови.
ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ПЛАНИНАРСКИ АКЦИИ ВО ЗИМСКА СЕЗОНА
Во планините важат други законитости отколку во долините и тие што сакаат да ги посетуваат планините, треба да ги познаваат тие законитости и да им се прилагодуваат. Во продолжение се дадени насоки за побезбедно планинарење во зимски услови.
ЗА ПЛАНИНАРСКИТЕ ВОДИЧИ регистрирани при Федерацијата за планинарски спортови во Македонија (ФПСМ).
Пред почеток на акцијата треба да се запрашате:
- Дали имам лиценца од ФПСМ за организирање зимска акција и со кои планинарски водичи кои имаат таква лиценца можам да соработувам?
- Каква е временската прогноза? Дали е најавен снег? Дали е најавен ветер со брзина над 40 км/ч или 11 м/с? Во тој случај не ја организирајте акцијата!
- Имам ли направено скица и профил на патеката?
- Имам ли во ранецот се што ми е потребно за денешната акција?
- Водичот секогаш треба да има:
- Компас и мапа од регионот, инсталирана GPSTOSMS апликација на мобилниот телефон, мобилен телефон со полна батерија (и надворешен полнач), радио станици и по можност ГПС уред (силна препорака).
- Торбичка за прва помош и алуминиумска фолија.
- Зависно од планинарската акција, водичот треба да има:
- Дерези, цепин, шлем, појас, водичко јаже (30 м., 8 мм.).
- 5 карабинери со матица HMS крушкаст облик, 2 помошни јажиња (дебелина 4 – 6 мм, должина 4 м.), 3 гуртни (должина 80 см и 120 см.)
Напомени
- Водичот е должен, уште на почетокот на акцијата, на сите учесници да им даде јасни и прецизни инструкции во која насока да се движат по компас, во случај, ако од која било причина, останат сами во планината.
- При организирањето на планинарски акции со големи групи во текот на зимската сезона треба строго да се почитуваат препораките на ФПСМ.
ЗА ПЛАНИНАРИТЕ
Што треба да знаете ако во зимски услови учестувате во планинарска акција?
- Снегот ги покрива и патеките и маркациите.
- Температурите се пониски, деновите пократки, има помал број луѓе низ планините, има опасност од лавини, и, опасности од лизгање.
- Околностите во планините брзо се менуваат и треба да поседувате опрема која ќе ви помогне во тие услови.
Пред почеток на акцијата треба да се запрашате:
- Дали сум подготвен (психички и физички)? Дали акцијата е за мене?
- Каква е временската прогноза? Дали е најавен снег, силен ветер?
- Дали имам облека и обувки што ќе ме штитат од силен ветар, студ и врнежи?
- Дали во текот на акцијата ќе поминеме покрај планинарска куќа или покрај засолниште?
- Имам ли во ранецот сé што ми е потребно за акцијата?
- Колку часа се потребни за да ја поминам целата патека? Стрмен ли е теренот?
За тие со пократко планинарско искуство во зимски услови.
- Вклучете се во планинарските друштва и движете се низ планините под водство на планинарски водичи регистрирани во ФПСМ.
- Почитувајте ги советите и предупредувањата. Почитувајте ја постапноста при движење низ планини (од полесни кон потешки акции, од пократки кон подолготрајни акции), изберете патека или врв соодветни на вашето знаење, физичка и техничка подготовка.
- Почитувајте го правилото (кое не важи за акции со планинарски водичи): никогаш не одите по патеки и кон врвови по кои не сте оделе во суви услови.
- Сите учесници на акциите треба да имаат функционален компас, како задолжителна опрема, посебно на зимски тури, како и на други акции со ризик од намалена видливост.
- Во зима, никогаш не одите сами низ планините.
- Низ планините треба да бидете соодветно опремени, а опремата треба да знаете да ја употребувате.
- Пред почеток на зимската сезона практично пробајте ги дерезите и цепинот, запирањето на падови со цепин на падини со безбеден завршеток.
- Изберете патеки соодветни на вашите психофизички способности.
- Проверете ја временската прогноза за планината низ која ќе се движите.
- Известете ги своите блиски за текот на вашата планинарска акција.
- Не заборавајте дека најголемата одговорност за вашата безбедност ја имате вие.
Јануари 2019, Скопје ФПСМ