КОМПАС ИЛИ GPS УРЕД, ПРАШАЊЕТО Е СЕГА!

Oдговорот е ДА. И компас и карта и GPS уред.

КОМПАС И КАРТА
Предности:
– компасот е ефтин (10-тина евра);
– компасот е доверлив (ако се користи подалеку од железни предмети секогаш е точен);
– лесен по тежина (па може да се носи и резервен);
– лесен за ракување;
– не користи батерии;
– во комбинација со карта ја развива способноста за ориентација во просторот и дава поширока слика за околината.

Недостатоци:
– користењето на карта на планина, во услови на ветер, дожд и магла е речиси невозможно;
– компасот без карта само покажува каде е север;
– компасот во услови на драстично намалена видливост може да помогне само за одржување на насоката на движење (да се избегне вртење во круг).

GPS УРЕД
Предности:
– ја покажува автоматски нашата позиција на теренот;
– покажува надморска височина;
– овозможува следење на претходно снимена патека;
– овозможува враќање по идентичната патека по која сме дошле;
– може постојано да ни ја покажува насоката и растонанието до некоја однапред внесена точка;
– успешно може да се користи во секакви услови на видливост.

Недостатоци:
– посложен е за ракување;
– многу поскап (300 и повеќе евра);
– потребно е подолго време за обука за да се користат сите функционалности;
– треба да биде добро подготвен пред секоја тура: со внесена топографска карта, полни батерии, резервни батерии, евентуално внесени патеки;
– како и секој електронски уред, подложен е на расипување, посебно при удари или навлажнување;
– многу лошо функционира или воопшто не функционира на терени блиску до вертикалата и кањони (на пример: Проклетије кон врвот Маја Језерце, кон врвот Триглав низ Праг, последниот успон кон врвот Митикас на Олимп и сл.);
– трајноста на батериите (освен на литиумските) драстично се намалува во услови на голем студ.

ПРЕПОРАКИ ДО ПЛАНИНАРСКИТЕ ВОДИЧИ

– Треба да бидат обучени за користење компас и географска карта;
– Секогаш со себе на терен да носат барем еден компас и (доколку може да набави) географска карта;
– Водичот е должен, уште на почетокот на акцијата, на сите учесници да им даде јасни и прецизни инструкции во која насока да се движат по компас, во случај, ако од која било причина, останат сами во планината.
– Да бидат обучени во користење на GPS уреди кој е незаменлив во услови на лоша видливост на теренот. Како GPS уред може да се користи и соодветна, претходно проверена, совладана и добро подготвена апликација за мобилен телефон (на пример: OruxMaps).

ПРЕПОРАКИ ДО ПЛАНИНАРИТЕ
– Сите учесници на акциитеда имаат макар и најобичен, функционален компас, како задолжителна опрема, посебно на зимски тури, како и на други акции со ризик од намалена видливост.

НАПОМЕНИ
• Употребата на GPS уред при водењето групи на планина е високо препорачливо, но ФПСМ не може да наметне како задолжително.
• Она што ФПСМ силно го препорачува се обуки за користење компас и карта и обуки за работа со GPS уреди во рамките на Основните школи во организација на планинарските клубови.
• Без обуки за користење на компас и карта лесно е можно корисникот да стане зависен од GPS-от и воопшто да не го развива природниот осет за ориентација, што може да биде фатално во услови на откажување на GPS уредот и немање ниту обичен, аналоген компас.
• Комисијата за планинарски водичи и ФПСМ ќе ја дадат максималната поддршка за обуките со предавачи и по можност, со GPS уреди.

Значи, прашањето воопшто не е компас + карта или GPS уред, туку: кое, кога и како.

Автор: Николчо Петров

 

Share This:

Scroll to Top