Соопштение за јавноста за трагичниот настан на Кајмакчалан

Федерацијата на планинарски спортови на Македонија изразува жалење и сочуство до семејствата и сите планинари, љубители на планината и природата за прерано згаснатите животи на нашите Калина Велевска и Александар Миновски, членови на Планинарскиот Клуб Трансверзалец од Скопје. Федерацијата со огромна тага и неверување ја прими информацијата за трагичната несреќа која се случи за време на планинарската тура организирана и реализирана од ПК Трансверзалец и уште во текот на вчерашниот ден оформи специјална комисија, составена од наши членови и екперти за немилиот настан. Комисијата ги очекува сите релевантни податоци од надлежните институции во Република Македонија и соседна Република Грција, како и официјалните податоци од организаторот на планинарската експедиција. Од огромна важност за Федерацијата ќе биде да се направи темелна анализа за трагичниот настан. Болката и тагата за прерано згаснатите животи не може да се надомести со ништо, но вистината за трагичниот настан заслужува да ја знаат семејствата, планинарите и нашите членови. Во меѓу време сакаме да се воздржиме од шпекулации и дезинформации за настанот, затоа што ваквите настани заслужуваат темелна и длабока анализа во соработка со сите надлежни институции…
По добиените официјални информации и сознанија ФПСМ ќе излезе со свој став по повод немилиот настан…

Share This:

Scroll to Top