Јубилејно чествување Димитар Илиевски-Мурато

Над 700 македонски планинари и гости од Бугарија, Србија и грција се поклонија и положија цвеќе на „Димев Врв“ и спомен-бистата на Димитар Илиевски-Мурато на планинарскиот дом „Копанки“, во рамките на јубилејниот 30 по ред Планинарски марш „Димитар Илиевски – Мурато“ кој се одржа на 11 мај годинава. Маршот беше исполнет со многу емоции, сеќавања и восхит за големиот подвиг на Мурато, првиот Македонец кој стапна на Монт Еверест во далечната 1989 година.
Во чест на тој подвиг и во знак на сеќавање на Димитар Илиевски Мурато, чие тело остана во вечниот мраз на Еверест, Планинарско спортското друштво Пелистер од Битола, чиј член исто така беше и Мурато, секоја година организира марш до врвот Пелистер.
Планинарите врвот и овојпат го искачуваа од два правци, една група доаѓаше од Големо Езеро а другата од Широка. Едновремено, беше организирано и чествување пред бистата на Димитар Илиевски Мурато на Копанки, каде што освен домаќините од ПСК „Пелистер“ и други планинари, присуствуваа и евро-амбасадорот Семуел Жбогар и амбасадорот на Холандија Воутер Пломп.
Во рамките на годинешното јубилејно чествување, ПСК „Пелистер“ организираше и фото-изложба од освојувањето на Еверест од страна на Македонската хималајска експедиција и од маршевите спроведени во трите изминати децении. Изложбата беше поместена во салонот „Магаза“ и содржеше преку 300 фотографии од архивата на ПСК „Пелистер“, семејната архива на семејството Илиевски и од битолскиот новинар и планинар Петар Ставрев.

ПСК Пелистер

Share This:

Scroll to Top