Скајмаратонот Монте Роса 2023

На 17.06.2023 година македонска наврска во состав Дејан Ангелоски и Александар Кирковски успешно настапи на највисоката планинска трка на Алпите, скајмаратонот Монте Роса во Италија. Тие со време од 7 часа и 29 минути се пласираа на 44-то место во конкуренција на вкупно 167 парови колку што стартуваа на овогодинешното издание.
Се работи за високопланинска трка чие прво издание во 1992 година се смета за пионерски чекор во најекстремната форма на планинско трчање – скајранингот. Во поново време од безбедносни причини се трча во парови од по двајца натпреварувачи и привлекува голем број на планински спортисти од различни земји. Скајмаратонот почнува и завршува во селото Алања Валсесиа на околу 1100 мнв, а се искачува до самиот врв Маргарита на 4554 мнв на масивот Монте Роса, совладувајќи дистанца од 35 километри и искачување од 3500 висински метри по суров терен, големи температурни разлики и поредок воздух.
За Ангелоски и Кирковски ова е второ учество на “Монте Роса скајмаратон”, а овој пат успеаа да го подобрат својот резултат за цели 57 минути во однос на минатогодишниот. Дејан Ангелоски е четирикратен државен шампион на Македонија во скајранинг и најперспективен наш спортист во овој спорт, додека Александар Кирковски е пионер на ваквите потфати кај нас со неколку брзински искачувања на Елбрус, Аконкагва, Мон Блан и други. Своите импресии од учеството на Монте Роса скајмаратонот ќе ни ги споделат на презентација која дополнително ќе ја најавиме.
Овој спортски потфат е дел од програмата на Федерацијата за планинарство на Северна Македонија за 2023 година.

Share This:

Scroll to Top