ОБУКА ПЛАНИНАРЕЊЕ ЗА ЛУЃЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТИ

ИЗВЕШТАЈ

ОБУКА ПЛАНИНАРЕЊЕ ЗА ЛУЃЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТИ

1 – 3 април 2022, Боч, Словенија.

13 години голем напор, многу активности, лобирање, и медиуско промовирање им требало на членовите на Одборот за луѓе со попречености in Planinec (PIN-OPP) при Планинарскиот Сојуз на Словенија да дојде до денешното ниво кога стотици луѓе со попречености, нивни роднини и пријатели заедно се искачуваат по словенечките планини. Одборот секоја година одржува обуки за водење на лица со попречености на планина, и годинава на обуката присуствуваа тројца планинарски водичи на ФПСМ, Тодорче Ѓорѓиев, Иван Киселоски и Горан Николоски.

На обуката стручни лица од Словенија ни ги пренесоа нивните искуства и информаци за работата со луѓето со попречености. Дознавме информации за ADHD, за луѓето кои имаат ограничувања во движењата, за долготрајно болните од дијабетис, епилепсија, и за луѓето со тешкотии во душевно здравје. Слушнавме информации и искуства за Аутизам, педагошки стратегии при работа со инвалидите, методи за комуникација. Научивме да кажеме „Здраво“ со знаковен јазик, носевме очила кои интерпретираат слабовидност, пробувавме движење со стапчиња за слепи и слабовидни, туркавме инвалидски колички по планински терен. На „Кружните маси“ после предавањата, прашувавме и дискутиравме.

Со нетрпение ја очекувавме планинарската акција најавена за недела, 3 април. Цел ден пред турата врнеше снег, но тоа не ги спречи 30-на луѓе со попречености, заедно со нас, да се искачивме на 978 метри високиот Боч. Патем си помагавме, а дел од учесниците се искачија и на високиот столб на врвот од каде што се гледаше ридестата околина. Помала група планинари беа на соседниот рид Високоноќница, каде што придружуваа планинарка во инвалидска количка. На крај од турата, светна и сонце, а ние извалкани од кал, изморени, но расположени, на заеднички ручек, слушавме словенечка музика и разменувавме контакт информации.

Искрено кажано, им „симнуваме капа“ на Начелникот на Одборот Jurček NOWAKK и на Координаторката на обуката Marjeta ČIČ. Она што тие двајца, во соработка со Планинарскиот сојуз на Словенија, со планинарските клубови и донаторите, го прават за луѓето со попречености во Словенија, е за почит, но и поука за нас, да дадеме придонес во разубавување на нашето и на секојдневието на сите луѓе.

boc-4

Image 8 of 11

Share This:

Scroll to Top