Титов Врв Скајрејс

На 28.06.2020 година во организација на планинарскиот клуб “Македон“ и Комисијата за скајранинг при ФПСМ се одржа второто издание на планинската (скајранинг) трка “Титов Врв Скајрејс“ на Шар Планина, воедно и државно првенство во скајранинг за 2020 година. Ова е највисоката трка во Македонија на која натпреварувачите поаѓајќи од Попова Шапка го искачуваат Титов Врв 2747 мнв по гребенот (зимската патека) и се враќаат назад, притоа совладувајќи дистанца од 20 километри и 1900 висински метри по стрмен и каменест терен. На трката учествуваа лимитиран број натпреварувачи (вкупно 47) со цел да се запазат мерките за заштита од Ковид-19, а беа постигнати одлични резултати.

Во машка конкуренција победник е Дејан Ангелоски со време 2 часа 39 минути што претставува нов рекорд на патеката, на второто место се пласира Александар Кирковски (2:42) додека трет беше Атанас Анчевски (2:52). Кај девојките победи Елена Ртоска со нов женски рекорд кој сега изнесува 3 часа 43 минути, а зад неа на подиумот финишираа Сања Најдовски (4:01) и Ивана Пекевска (4:15).

Скајранингот е екстремна форма на планинско трчање кое се одвива на надморска височина од над 2000 метри, по исклучително стрмни и каменести терени. Овој спорт кој започнува да се развива во алпските земји пред 30-тина година денес доживува се поголема популарност во светот со аспирации да стане и олимписки спорт. Федерацијата за планинарство на С.Македонија е полноправен член на Светската скајранинг федерација (ISF), а минатата година македонска репрезентација за првпат настапи на европското првенство во Италија.

Комплетни резултати од трката:
https://makedon.mk/rezultati-titov-vrv-skajrejs-2020

Share This:

Posted in Новости.